Скопјани вчера гласаа за Зелен хуман град не затоа што се „наши гласачи“, туку затоа што сакаат град кој е зелен, чист, хуман, пристапен и современ. Ги повикуваме и понатаму да продолжат да се придржуваат до тие свои принципи, велат од независната граѓанска иницијатива Зелен хуман град, чијашто независна листа за советници, според нецелосните и неофицијални резултати од првиот круг на локалните извори, доби 3,81 отсто од гласовите, односно нешто над 7.900 гласови на скопјани и, барем засега, еден советник во Советот на Град Скопје.
„Живееме во град кој е уништен од партиите кои сите овие години покажаа дека им е сеедно дали живеат во задушено и бетонирано Скопје сѐ додека имаат профит и не направија ништо за градот да стане зелен и хуман. Единствена опција која во практика покажала напор за да создаде таков град се активистите, односно сите ние кои сме вложиле години од својот живот, во голем дел волонтерски, за да направиме позитивна промена. Борбата продолжува, и на улица, и во институциите, секаде каде што е потребно“, вели Драгана Велковска, носителка на листата на Зелен хуман град.