Градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, учествуваше како панелист на регионалниот форум посветен на зелената агенда, одржан под наслов „Зелена агенда: од национални политики до локални економски можности“. Настанот собра општински раководители и стручни лица од повеќе области со цел да се отвори сеопфатна дебата за локалниот развој. За време на панелот беа разгледани клучните предизвици, развојните можности и прецизните чекори што локалните власти треба да ги преземат за одржлив развој.
Како претседател на Советот за развој на Скопскиот плански регион, Мицевски го истакна значењето на усогласувањето на локалните стратегии со политиките на централно ниво.
„Како градоначалник на Општина Сопиште и претседател на Советот за развој на Скопскиот плански регион, посебно ја истакнав важноста на поврзувањето на локалните приоритети со националните политики, како и потребата од заеднички регионален пристап во реализацијата на зелените проекти. За Општина Сопиште, зелената агенда значи одговорно управување со природните ресурси, подобра комунална инфраструктура, почиста животна средина, енергетска ефикасност и создавање подобри услови за живот на граѓаните“, вели Мицевски.
Тој потенцираше дека преку засилена соработка меѓу општините, добро насочени инвестиции и повлекување средства од националните и европските фондови, можат да се реализираат капитални зафати со долгорочен бенефит за целото население во планскиот регион.
„Нашата цел е јасна зелената агенда да не остане само стратешка определба, туку да стане реалност преку конкретни проекти и видливи резултати. Продолжуваме посветено да работиме за развој на Општина Сопиште и за посилен, поодржлив и поразвиен Скопски плански регион“, истакнува Мицевски.
