Владата ги одобри работните дозволи
Со владина одлука се дозволува ангажирање на вкупно 10.000 странски државјани во 2026 година за потребите на домашниот пазар на труд.
Одлуката стапува во сила од 16 јануари и, според надлежните, има цел да ја поддржи економијата и да се надмине недостигот од работна сила.
Најголемиот дел од утврдената квота, односно 9.750 дозволи, се однесува на редовно вработување. Во рамки на оваа бројка, 4.500 дозволи се наменети за нови работни ангажмани, а 5.250 за продолжување на постојните работни дозволи за странските државјани кои веќе се вработени во земјава. Дополнително, предвидени се 200 дозволи за упатени работници и 50 дозволи за сезонска работа.
Од Министерството за економија и труд информираат дека состојбата на пазарот на труд ќе се следи континуирано, како и искористеноста на квотите, со цел мерките навремено да се приспособуваат на реалните економски потреби.
Зголемувањето на бројот на дозволи следува по долгогодишните укажувања од бизнис-заедницата дека недостигот од работна сила претставува сериозен проблем, особено во секторите градежништво, угостителство, трговија и преработувачка индустрија.
Годинава бројот на работни дозволи е три и пол пати поголем во споредба со состојбата пред пет години, кога дозволи добиле 1.704 лица. Најголем интерес за работа во земјава имаат државјани од Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипини.
Владата секоја година утврдува квота за странски работници со која се ограничува нивниот број, при што таа не смее да надмине 5% од вкупно вработеното население. Синдикатите со години бараат поголема либерализација на пазарот на трудот и зголемување на квотите, а определените 10.000 дозволи претставуваат раст во однос на 7.000 дозволи утврдени во 2023 година.
Владата ги одобри работните дозволи
