Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги пофали британскиот премиер Борис Џонсон и Велика Британија за нивниот одговор на руската инвазија.

Во интервју за списанието Економист, тој рече дека „Британија дефинитивно е на наша страна“ и „не врши балансирачки чин“.

– Да бидам искрен, Џонсон е лидер кој помага повеќе. Лидерите на земјите реагираат според тоа како постапуваат нивните избирачи. Во овој случај Џонсон е пример, нагласи Зеленски.

Зеленски и Џонсон се во редовен телефонски контакт за време на инвазијата.

Украинскиот претседател ги подреди странските нации во категории, почнувајќи од оние кои сакаат конфликтот да заврши брзо на кој било начин за да можат да го задржат пристапот до руските пазари, па до оние кои го поддржуваат украинскиот народ и „сакаат војната да заврши брзо по секоја цена“.

– Британија дефинитивно е на наша страна. Таа не врши балансирање. Британија не гледа алтернатива за излез од ситуацијата. Британија сака Украина да победи, а Русија да загуби, но не сум подготвен да кажам дали Британија сака војната да се одолговлекува или не, истакна Зеленски.