Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека продолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток може да го намали вниманието на сојузниците кон Украина и да влијае врз испораките на системи за противвоздушна одбрана.

Тој ова го изјави на прес-конференција во Киев заедно со холандскиот премиер Роб Јетен, пренесува „Украинска правда“.

„Се надевам дека војната на Блискиот Исток нема да трае долго, не само затоа што сум загрижен за Украина, туку и затоа што секој изгубен или уништен човечки живот е трагедија. Во меѓувреме, не гледаме напредок во мировните преговори. Ако траен мир или прекин на огнот не се постигнат во првите денови од конфликтот, постои голем ризик тој да се одолговлечи“, изјави Зеленски.

Тој предупреди дека ваквиот развој на настаните директно би се одразил и врз ситуацијата во Украина.

„Тоа сигурно ќе влијае на ситуацијата во Украина. Помал фокус значи помалку поддршка. Помалку поддршка значи помалку противвоздушна одбрана“, додаде украинскиот претседател.