Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги обвини европските сојузници дека вршат притисок врз Киев повторно да го стави во функција нафтоводот „Дружба“. Според него, барањето за обновување на транзитот на руска нафта кон Европската Унија претставува укинување на економските санкции кон Москва.

Зеленски посочи дека нафтоводот „Дружба“, кој поминува низ Украина и преку кој се транспортира руска нафта кон Унгарија и Словачка, бил оштетен при руски напад во јануари и сè уште не е поправен.

– Повторното доставување руска нафта преку Украина во Европска Унија е еднакво на укинување на економските санкции кон Москва, наведе Зеленски.

Европската Унија побарала од украинските власти да го поправат нафтоводот што е можно побрзо и да дозволат пристап на меѓународни експерти кои би ја процениле штетата.

Украинскиот претседател, сепак, нагласи дека се противи на продолжување на транзитот на руска нафта преку украинска територија додека ЕУ во исто време забранува нејзина продажба.

– Или продаваме руска нафта или не. Зошто ЕУ ме принудува да ја вратам Дружба. Како е тоа различно од укинување на санкциите за Русите. Зошто во еден случај можеме да им кажеме на САД дека сме против укинување на санкциите, а во друг случај да ја принудуваме Украина да го продолжи транзитот на нафта преку Дружба, потенцира Зеленски.

Тој оцени дека условувањето нафтоводот „Дружба“ да биде повторно отворен во спротивно Украина да не добие оружје претставува уцена.

Унгарија, која во голема мера зависи од руската нафта, ги блокира новите санкции на ЕУ кон Русија, како и заемот од 90 милијарди евра од Унијата за Киев.

Претходно, Соединетите Американски Држави воведоа 30-дневна суспензија на санкциите за руската нафта. Зеленски нагласи дека укинувањето на санкциите нема да му помогне на светот, туку само на Москва.