Телефонски контакт пред новата рунда билатерални разговори меѓу Украина и САД
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека остварил телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, посветен на утрешните преговори во Женева. Информацијата ја објави на платформата Икс.
На разговорот, како што наведе, присуствувале и специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, како и Џаред Кушнер.
„Разговаравме за темите со кои нашите делегации ќе се занимаваат утре во Женева за време на билатералната средба, како и за подготовките за наредниот состанок на целосните преговарачки тимови во трилатерален формат на самиот почеток на март“, наведе Зеленски.
Подготовки за трилатерална средба на почетокот на март
Покрај билатералната средба, Зеленски посочи дека очекува следниот чекор да биде трилатерален состанок.
Тој нагласи дека се надева оти таквата средба ќе отвори можност разговорите да се издигнат на ниво на лидери. Според него, Трамп го поддржува предложениот распоред.
„Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, посочи Зеленски.
Утре во Женева е закажана нова рунда билатерални преговори меѓу Украина и САД. Се очекува тие разговори да послужат како подготовка за следната трилатерална средба меѓу Украина, Русија и САД.
