САД фокусирани на Блискиот исток
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, предупреди дека конфликтот меѓу САД и Израел со Иран ја поместува вниманието на Вашингтон од руската агресија врз Украина.
Во интервју за Би-би-си, снимено за време на неговата посета на Лондон, Зеленски изјави дека има „многу лошо чувство“ за развојот на настаните на Блискиот исток и нивното влијание врз Украина.
„Имам многу лошо чувство во врска со влијанието на оваа војна врз состојбата во Украина. За жал, Америка сега е повеќе фокусирана на Блискиот исток отколку на Украина“, рече Зеленски. Тој додаде дека ова го одложува и дипломатското посредување: „Поради тоа нашите дипломатски, трипартитни состаноци постојано се одложуваат. Причината е само една: војната во Иран.“
Континуирана комуникација со САД и Русија
Зеленски нагласи дека, и покрај одложувањата, украинските и американските официјални лица секојдневно одржуваат комуникација, како и претставници на Вашингтон и Москва. Тој истакна дека имало предлог за состанок на највисоко ниво, но Русија го одбила.
„Американската страна, поради војната во Иран, рече дека е подготвена да ги прими двете страни во САД. Ние потврдивме учество, но Русите се против состанок во САД. Затоа засега се фокусираме на тоа Америка да предложи датум и место. Украина ќе поддржи било кој датум и било кое место, но сигурно не во Русија“, заклучи Зеленски.
