Украинскиот претседател Володимир Зеленски ноќеска ја обвини Русија дека води енергетска војна и повика на повеќе единство во Европа.

-Деновиве Русија се обидува уште повеќе да го зголеми енергетскиот притисок врз Европа. Испораката на гас преку „Северен поток“ е целосно прекината. Русија сака да го уништи нормалниот живот на секој Европеец – во сите земји на нашиот континент, рече Зеленски синоќа во својата редовна дневна видео порака со Украинциите.

„Целта е, додаде Зеленски, да се ослабат и заплашат земјите во Европа“.

-Освен тенкови и ракети, Русија ја користи и енергијата како оружје. Оваа зима Русија подготвува ’решавачки удар’ во енергетскиот сектор. Само поголема кохезија ќе помогне во борбата против тоа, кажа украинскиот претседател.

„Европејците мора подобро да ги координираат своите контрамерки и да си помагаат повеќе. Покрај тоа, притисокот врз Русија мора да се зголеми за да се ограничат руските приходи од продажбата на нафта и гас“, додаде Зеленски во синоќешната видео порака.

Зеленски ја обвини Русија за енергетска војна откако руската енергетска компанија „Газпром“ вчераутро не ги врати испораките на гас за Германија од „Северен тек 1“, спротивно на претходните планови. „Газпром“ го оправда својот потег со наводно истекување нафта во компресорската станица „Портоваја“ во близина на Санкт Петербург.

Во видео пораката Зеленски, исто така, ја осуди и повредата на неколку деца на изложбата на оружје во Чернихив. Тој го опиша инцидентот како „неприфатлив“ и вети дека одговорните за оваа небрежност ќе бидат казнети.