Украина денеска соопшти дека се уште се бори за контрола на источниот град Бахмут, откако претседателот Володимир Зеленски претходно изјави дека „градот е уште само во нашите срца“, додека рускиот претседател веќе честиташе за „заземањето на градот“ и вети признанија.
Запрашан пред состанокот со американскиот претседател Џо Бајден во Јапонија дали украинската армија сè уште се бори во Бахмут, откако Русите рекоа дека целосно го зазеле, Зеленски им рече на новинарите: „Мислам дека не е така“.
Тој додаде: „Денес Бахмут е уште само во нашите срца“. Но, портпаролот на украинскиот претседател подоцна појасни дека Зеленски одговорил на вториот дел од прашањето.
„Новинарското прашање: Русите рекоа дека го зазеле Бахмут“, го напиша Серхиј Никифоров на Фејсбук.
Одговорот на претседателот е: Мислам дека не“, рече портпаролот на Зеленски и додаде „На овој начин претседателот го негираше освојувањето на Бахмут“.
Русија вчера соопшти дека целосно го освоила источниот украински град, што, доколку е вистина, ќе го означи крајот на најдолгата и најкрвавата битка од 15-месечната војна. „Тоа е трагедија.
Ништо не остана”, рече Зеленски во Хирошима.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска им честиташе на групата Вагнер и на руската војска за, како што рече, „ослободувањето“ на Бахмут, кој Русија го нарекува со своето советско име Артјомовск.
Во соопштението објавен на веб-страницата на Кремљ, Путин рече дека битката – најдолгата и најкрвавата во 15-месечната војна – завршила со руска победа и дека тие кои учествувале во неа ќе добијат државни признанија.
„Шефот на државата ѝ честиташе на борбената група Вагнер, како и на припадниците на руските вооружени сили кои им ја пружија потребната поддршка и ги покриваа нивните крила, на завршувањето на операцијата за ослободување на Артјомовск“, се вели во соопштението на Кремљ.