Во пресрет на доставувањето на новиот мировен предлог до Вашингтон, украинскиот претседател Володимир Зеленски јасно стави до знаење дека Киев нема намера да прифати какво било територијално отстапување. Според информации на Би-Би-Си, документот што Украина ќе го испрати во Белата куќа е формулиран без простор за компромис околу границите и се очекува да биде предаден во следните денови.
Зеленски го повтори овој став на вчерашниот состанок со лидерите на НАТО и Европската унија во Лондон, нагласувајќи дека Украина не смее да се откаже од својата територија ниту правно, ниту морално.
„Русија инсистира да се откажеме од територија, но не сакаме да се откажеме од ништо. Немаме законско право да го сториме тоа според Уставот, а ни морално не можеме“, рече тој.
Средбата, на која присуствуваа британскиот премиер Сер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, беше толкувана како сигнал за обединета западна поддршка во момент кога САД наводно разгледуваат верзија на мировен план што би вклучувала делумни отстапки.
Првичниот американски предлог содржел 28 точки, но по реакциите од Украина и европските сојузници бил редуциран на 20. Зеленски посочи дека најосетливи теми во разговорите остануваат контролата врз Донбас и Запорожјската нуклеарна централа.
Според протечениот документ што добил американска поддршка, Русија би добила целосна контрола врз Донбас, а енергијата од нуклеарната централа би се распределувала меѓу Москва и Киев.
Европските лидери во Лондон повторија дека секое решение мора да гарантира „праведен и траен мир“ и „силни безбедносни гаранции“ за Украина. Велика Британија и Франција се изјаснија за распоредување меѓународни сили, додека Германија и Италија засега се воздржани, а конкретниот модел на гаранции допрва треба да се договори.
По разговорите во Лондон, Зеленски отпатува за Брисел и Рим за понатамошна координација со европските партнери.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, изјави дека Зеленски е „главната пречка за мирот“ и дека Русија е „задоволна со американскиот план“. Белата куќа не соопшти дали украинскиот претседател официјално го разгледал предложениот документ.
