Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин на претстојниот самит на Г20 во Мајами. Тој нагласи дека двајцата лидери треба да разговараат и да донесат одлуки за ставање крај на конфликтот.
Во интервју за германската медиумска куќа „Дојче веле“, објавено денеска во време на засилени дипломатски напори за прекин на војната, Зеленски беше прашан дали би се сретнал со Путин на маргините на самитот во декември, доколку двајцата бидат поканети.
„Да, се разбира. Треба да одиме. Треба да се сретнеме, да разговараме и да донесеме одлуки“, одговори Зеленски.
Вашингтон неодамна се обиде да ги обнови дипломатските напори за завршување на војната меѓу Русија и Украина, кои подолг период беа во застој. Во текот на минатиот викенд, американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер ги посетија Москва и Киев.
Во интервјуто, дадено во петокот, Зеленски ја оцени посетата на американските претставници како „добар сигнал“. Според него, особено е важно што Виткоф и Кушнер ги посетиле и Киев и Москва.
– Тоа е знак на почит кон нашиот народ – нагласи украинскиот претседател.
Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела разговараа телефонски за војната. Кремљ разговорот го оцени како „исклучително отворен“.
Соединетите Американски Држави годинава претседаваат со Г20. На почетокот на септември, рускиот министер за финансии Антон Силуанов учествуваше на состанокот на министрите за финансии на Г20 во Северна Каролина.
Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Москва ќе испрати свои претставници и на состанокот посветен на енергетиката, кој следната недела ќе се одржи во Хјустон, во американската сојузна држава Тексас.
