Со новиот закон, граѓаните постари од 60 години, но се здравствено способни, ќе може по сопствена волја да се приклучат на воената служба со договор

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, го потпиша новиот закон што овозможува воена служба по договор за лица постари од 60 години. Со оваа законска новина, украински државјани кои ја достигнале старосната граница за воена служба ќе можат да продолжат да служат. Но само доколку имаат добра здравствена состојба и се подготвени за тоа.

Законот предвидува склучување договор за доброволна служба. Тоа важи само за оние што се во добра физичка и психичка кондиција. Кои имаат писмена согласност од командантот на единицата каде што сакаат да служат. Информацијата е објавена на веб-страницата на украинскиот парламент, а ја пренесе државната новинска агенција Укринформ.

Секој украински граѓанин кој ја надминал границата за останување во резерва, ќе може повторно да се пријави. Но, ќе мора сам да поднесе барање, како и да добие согласност од единицата што го прима.

„Граѓаните кои се подготвени да служат и покрај возраста, ќе можат да склучат договор со воените власти. Услов за тоа е да имаат потпишано одобрение од командантот. И поминати здравствените проверки“, наведено е во законскиот текст.

Со овој закон, ќе се овозможи распоредување на овие лица на позиции од војници и подофицери до офицерски звања, под услов да биле отпуштени од служба по 1 јануари 2015 година. За поставување на офицерска позиција, задолжително е претходно одобрување од Генералштабот на украинската армија.

Договорот ќе се потпишува на рок од една година. Ќе може да биде продолжен, но само доколку не се констатираат пречки во здравствената или службената способност.

Пред почетокот на службата, ќе се спроведе задолжителен пробен период. Тој ќе трае два месеца, а за време на овој рок ќе се проценува дали кандидатот е соодветен за предвидената позиција. Доколку не ги исполни условите, договорот ќе биде раскинат.

Врховната Рада на Украина го усвои овој закон на 16 јули. Со оваа законска промена, властите очекуваат да се зголемат човечките ресурси во армијата, особено во време кога земјата се соочува со продолжен воен конфликт.