Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди за претстојна офанзива на руските сили во источниот дел на Украина, за време на своето видео обраќање, јави Си-Ен-Ен.
Според Зеленски, руските војници подготвуваат офанзива операција во источниот дел на Украина. Тој тврди дека „ќе почне во блиска иднина“.
– Тие сакаат буквално да завршат и да го уништат Донбас. Да се уништи сè, по што некогаш беше познат, овој индустриски регион. Баш како што руските војници го уништуваат Мариупол, тие сакаат да избришат други градови и заедници во регионите Донецк и Луганск, смета украинскиот претседател.
Зеленски додаде дека во Харков, руското гранатирање уби петмина жители и остави 15 лица ранети во текот на вчерашниот ден. Во изминатите четири дена, вкупно 18 лица биле убиени, а 106 ранети од руското гранатирање на Харков.
– Ова не е ништо друго, туку намерен терор. Минофрлачи, артилерија против обични станбени населби, против обични цивили, подвлече Зеленски.
Руските сили ги обвини и за хуманитарни прекршувања во регионите Херсон и Запорожје, во јужна Украина.
– Таму се изградени соби за мачење. Тие киднапираат претставници на локалните власти и сите што се сметаат за видливи за локалните заедници. Тие уценуваат наставници. Тие крадат пари, наменети за исплата на пензии. Хуманитарна помош блокирана и украдена. Тие вршат изгладнување, нагласи украинскиот претседател.
Си-Ен-Ен пишува дека, засега, медиумот немал можност да ги потврди овие тврдења на Зеленски.
– Секојдневно расте потребата од ембарго за испорака на нафта од Русија. Сите во Европа и во Америка веќе гледаат како Русија отворено ја користи енергијата, за да ги дестабилизира западните општества. Облогот на Русија, за хаос на пазарите на гориво, не треба да успее, смета Зеленски.