Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека последните руски напади ја довеле во прашање безбедноста на нуклеарните централи во земјата и претставуваат сериозна закана не само за Украина, туку и за цела Европа.
Во вечерното обраќање, Зеленски изјави дека руските сили во текот на ноќта целеле објекти од клучно значење за функционирањето на нуклеарниот енергетски систем, што резултирало со намалување на производството на електрична енергија.
– Денеска блоковите на украинските нуклеарни централи го намалија производството, а еден блок автоматски беше исклучен. Ова е ниво на напад што ниту еден терорист во светот не би си го дозволил – истакна Зеленски.
Според него, ваквите напади ја надминуваат рамката на воени дејствија и директно ја загрозуваат регионалната безбедност.
Украина во текот на изминатата ноќ била цел на масовен воздушен напад, при што Русија употребила околу 400 беспилотни летала и 40 ракети од различни типови. Главната цел биле енергетските капацитети, поради што во поголем дел од земјата беа воведени итни прекини на електричната енергија.
Зеленски упати апел до меѓународната заедница да реагира на, како што ги нарече, „екстремно опасните напади“, предупредувајќи дека последиците од ваквата ескалација можат да бидат далекусежни.
