Обраќање на Претседателот на Украина Володимир Зеленски.
„Украинци! Украинки!
Најхрабар народе на најдобрата земја во светот!
Завршува уште една недела од нашата борба за слобода, за државата.
Уште една недела кога Украина живее и покрај сите напори на Русија да не уништи.
Ние се браниме. Одговораме на ударите. Ги развиваме нашите односи со партнерите. Добиваме помош. Ние обезбедуваме максимално внимание на светот на нашите потреби.
Влијаеme на глобалната дебата. Предлагаме и промовираме нови санкции против Русија. Правиме се за да го изведеме пред лицето на правдата секој никаквец што дојде на нашата земја под руско знаме и убиваше наши луѓе. Ги мачеше нашите луѓе. Ги уништуваше нашите градови. Ограбуваше и се потсмеваше.
А што прави Русија? Што прават нејзините службеници, нејзините пропагандисти и обичните луѓе кои го повторуваат она што го слушнале на телевизија?
Само се оправдуваат и негираат. Се обидуваат да ја префрлат одговорноста. Лажат. И веќе до толку многу изгубија врска со реалноста што не обвинуваат нас во правење дури и на она што очигледно, очигледно за сите во светот, го направија руските трупи.
За убиствата во Буча велат дека не беа тие, туку наводно ние. Иако на сите им е очигледно дека луѓето биле убиени додека руската војска го контролирала градот.
За ракетниот напад на Краматорск велат дека не беа тие, туку наводно ние самите. Иако токму нивните пропагандисти го најавија овој удар. Иако од територијата под нивна контрола летаа ракети. А за кој било наш уништен град, за кое било наше опожарено село го кажуваат истото, дека не беа тие, туку наводно ние.
Руската војска веќе се изналажа до толку што и после повеќе од шест недели војна тие тврдат дека не нападнале ниту еден од цивилните објекти!
Дали знаете зошто е тоа така? Затоа што тоа е кукавичлук. Целосно. На сите. Од дното кон врвот.
Тие се плашат да признаат дека целата руска политика кон Украина со децении е погрешна и само уништи се што и се имаше Русија во нејзините односи со Украина од претходните времиња.
Тие се плашат да признаат дека со децении прават погрешни облози и трошеле огромни ресурси за поддршка на никаквеци, за кои мислеа дека се идните херои на украинско-руското пријателство. А овие никаквеци беа умешни на само еден начин – во земање на пари од Русија за сопствените џебови.
За да не ги признаат грешките, тие правеа нови грешки. Тие се лишија од секакви политички инструменти и не сакајќи да се откажат од нереалните амбиции, ја започнаа оваа војна.
При тоа, како и во се друго, не обвинија нас за почетокот на војната.
Тие го зазедоа Крим – а ние наводно сме виновни.
Тие го уништија нормалниот живот во Донбас – а ние наводно сме виновни.
Тие го соборија малезискиот Боинг – а ние наводно сме виновни.
Тие осум години убиваат луѓе и деца на нашата земја – а ние наводно сме виновни.
Тие го уништија најмоќниот индустриски регион во источна Европа – и ние наводно сме виновни.
Тие ги уништија животите на милиони луѓе – а ние наводно сме виновни.
Тие започнаа војна од големи размери против нас – а ние наводно сме виновни.
Тие потрошија скоро две илјади проектили, безброј воздушни бомби и артилериски гранати, мини на удари врз Украина – а ние наводно сме виновни.
Тие мачеа и убиваа на нашата земја – и ние сме виновни.
Тие депортираа стотици илјади Украинци, Украинки, наши деца – а сепак ние сме наводно виновни.
Сето тоа дојде од кукавичлук. Кога кукавичлукот расте, се претвора во катастрофа. Кога на луѓето им недостасува храброст да ги признаат своите грешки, да се извинат, да се прилагодат на реалноста, да учат, тие стануваат чудовишта. А кога светот го игнорира тоа, чудовиштата одлучуваат дека светот е тој што треба да се прилагоди на нив. Украина сето ова ќе го запре.
Ништо нема да му помогне на рускиот кукавичлук. Ќе дојде ден кога ќе мора се да признаат. Да ја признаат вистината. За ова – целата наша сила и секоја минута. Одбрана, дипломатија, економија, информативна конфронтација, правна одговорност – имаме алгоритми на дејствување во сите области. Секој владин функционер си ги знае своите задачи и мора стопроцентно да ги исполни.
Следната недела нема да биде ништо помалку важна од оваа од претходните. Ќе биде исто толку напната и уште поодговорна. Русија ќе се плаши уште повеќе. Ќе се плаши да изгуби. Ќе се плаши дека ќе мора да ја признае вистината.
Руските трупи ќе преминат на уште поголеми операции на истокот на нашата држава. Можно е да користат уште повеќе ракети против нас, уште повеќе воздушни бомби. Но, ние се подготвуваме за нивните дејствија. Ние ќе одговориме. Ќе бидеме уште поактивни во обезбедувањето оружје на Украина. Ќе бидеме поактивни на меѓународната сцена. Ќе бидеме уште поактивни во информирањето.
Ќе продолжам да им се обраќам на парламентите и народите во светот. Ќе ги примиме во Кијив и во другите украински градови нашите партнери, лидери на други држави. Ќе привлечеме уште повеќе средства и ресурси за помош на Украина. Се разбира, ќе образложиме посилни санкции против Руската Федерација. За да има одговорност, за да има правда. Колку и да се плашат да ги признаат своите грешки – трагични, страшни грешки – ќе мораат. Затоа што нашата храброст и нашата вистинитост јасно преовладуваат. И ќе победат.
Денес се навршуваат дванаесетгодишнина од авионската несреќа кај Смоленск, која ги однесе животите на Претседателот Лех Качински и членовите на полската елита. На овој ден, ние се солидаризираме со нашите полски пријатели и сојузници кои цврсто се противат на руската агресија.
Денес разговарав со германскиот канцелар Олаф Шолц. За тоа како да се изведат пред лицето на правдата сите виновни за воени злосторства. Како да се зајакнат санкциите против Русија и како да се принуди Русија да бара мир. Мило ми е што забележувам дека германската позиција неодамна се промени во корист на Украина. Сметам дека ова е апсолутно логично. Затоа што овој курс е поддржан од мнозинството германски народ. И јас сум му благодарен. Но, очекувам се што се договоривме да се спроведе. И ова е многу важно.
И пред неколку минути, подготвувајќи се за снимањето на ова обраќање, потпишав указ со кој на нашите херои им се доделуваат државни награди. На 18 бранители на Украина. Петмина воени лица на Вооружените Сили на Украина, тројца офицери за врска на Државната служба за специјални комуникации и заштита на информации на Украина, десет полицајци.
Благодарен сум им на сите наши бранители! На сите наши бранителки!
Благодарен сум им на сите што го враќаат животот на ослободената територија на нашата држава.
И благодарен сум им на сите кои ни ја обезбедуваат победата во информациската пресметка. На сите новинари, на сите новинарки, на уредниците, на информативниот маратон „Обединети вести”, на сите наши сајтови, на сите медиуми кои не дозволуваат руската пропаганда да победи.
Вистината ќе победи! Украина ќе победи! Задолжително.
Слава на Украина!“