Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска изјави дека Киев е одлучен да стави крај на војната и оти прашањето е што сакаат Русите.
– Украина е подготвена. Нас не ни треба војна. Ја браниме нашата држава, нашата независност. Исто така, подготвени сме брзо да тргнеме кон достоен договор за завршување на војната. Прашањето е само за Русите – што сакаат тие. Исто така, дали ќе има последици за Русија поради фактот што „шахедите“, ракетите и приказните за историски теми им се поважни од вистинската дипломатија и трајниот мир – рече Зеленски во редовното видеообраќање.
Според него, дури и на денот кога беше покрената нова рунда преговори во Женева, Русија одговори со напад.
– Ова многу јасно покажува што сака Русија и што планира. Имаше скоро 400 дронови повеќе. Поради гранатирањето, во Одеса денеска во текот на целиот ден траеја работите за обнова. Луѓето останаа без греење и вода. Наредив на Одеса да ѝ се пружи сета неопходна поддршка и да се забрза обновата – рече тој.
Денеска во Женева заврши првиот ден од новата рунда трилатерални преговори со учество на претставници на Украина, САД и Русија. Претседателот на САД, Доналд Трамп, во пресрет на овие разговори, рече дека Украина треба „што побрзо да седне на преговарачката маса“.
