Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера вети дека ќе го врати секој дел од територијата која Русија и ја одземала на Украина, додека неговите војници од првата линија оствариле територијални придобивки во Бахмут.
„Нема да оставиме ниту едно парче од нашата земја на непријателот – тиранијата нема да владее никаде. Мораме да ги вратиме слободата, безбедноста и Европа на целата украинска земја“, рече Зеленски во своето ноќно видео обраќање.
Неговото обраќање следи неколку часа откако украинските војници, вклучени во тешки борби за контрола на источниот регион Доњецк, рекоа дека ги потиснале руските војници до два километри на некои места во близина на Бахмут.
„Таму спроведуваме ефективни контранапади“, рече синоќа на Телеграм, Олександр Сирски, командант на украинските копнени сили.
Тој посочи дека единиците на руската платеничка група Вагнер во некои делови биле заменети со единици на редовната руска армија. „Овие помалку обучени единици сега се поразени. Но, битката за Бахмут продолжува“, истакна Сирски.