Во емотивната божиќна порака, украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше за храброст и надеж и ги повика Украинците кои страдаат во војната што ја започна Русија, да истраат.
„Издржавме напади, закани, нуклеарни уцени, терор и ракетни напади. Дозволете ни да ја поминеме оваа зима бидејќи знаеме за што се бориме“, рече Зеленски во видеото објавено на Бадник.
Во видеото тој стоеше во темница на улица со елка и ретки светилки во позадина.
„Веруваме дека солзите ќе бидат заменети со радост, дека надежта ќе дојде по очајот и дека смртта ќе биде победена од животот“, рече тој.
Истакнувајќи дека милиони луѓе во Украина и ширум светот го слават Божиќ, украинскиот претседател се сети на Украинците кои избегаа во странство или мораа да го поминат Божиќ во руско заробеништво.
„Ќе ја вратиме слободата на сите украински мажи и жени“, рече тој. Посочи дека оваа година, по руските напади врз енергетската инфраструктура на земјата, „улиците и куќите можеби нема да светкаат како обично, но ниту еден руски дрон или проектил не може да го запре духот на Божиќ“.
„Дури и во целосен мрак ќе се сретнеме за да се гушкаме силно. А ако нема греење, ќе се стоплиме со голема прегратка“, рече Зеленски. „Нема да чекаме чудо, тоа ќе го направиме самите“, рече тој.
Во Украина, официјалниот Божиќ е и на 25 декември и на 7 јануари, кога православните христијани го слават Божиќ. Според анкетите, поради руската инвазија на Украина, сѐ повеќе луѓе се свртуваат кон славеничката култура на западните цркви.