Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во свое име и во име на сите претходни влади им се извини на семејствата на 57-те патници загинати во железничката несреќа и рече дека истрагата мора да биде детална, да се каже целосната вистина, да се утврди одговорноста и дека нема криење зад човечка грешка.
Тој во порака до јавниот обвинител побара да се даде приоритет на судскиот процес, да се подигне до највисоката судска инстанца, што поскоро да се најде одговор и да се утврди вината за трагичната железничка несреќа.
Шефот на станицата во Лариса, чија грешка предизвика два воза да се најдат на иста пруга, е во истражен затвор. Првото сослушување траело девет часа, но, според информациите со кои располага јавноста, не открило некои нови моменти. Тој ја призна одговорноста, тврди дека не го напуштал работното место, дека не пиел и дека немало веселба во станицата.
Извесно е дека во моментот на трагедијата покрај него немало двајца контролори, што било задолжително според протоколот, па во текот на истражната постапка сигурно ќе има и други чија одговорност ќе се утврдува. Во секој случај, шефот на станицата се соочува со тешки обвиненија за нарушување на безбедноста во сообраќајот, што предвидува казна затвор од 10 години до доживотен затвор. Тој се соочува и со обвинение за повеќекратно убиство од небрежност, како и обвинение за нанесување тешки телесни повреди.
Новите докази што се појавуваат воопшто не му одат во прилог бидејќи тој призна дека не знаел што прави, со оглед на тоа што истиот ден испратил друг локален воз на погрешна пруга. Сигурно е дека ќе се доведе во прашање и одговорноста на оние кои поставиле човек без искуство на таква одговорна функција од која зависат човечки животи.
Судството нема да има лесна задача бидејќи очите на целата нација, како и на оние кои загубија свои најблиски, се вперени кон судиите, но и кон власта од која се очекуваат конкретни чекори, а сето тоа на прагот на изборите, кои се очекува да бидат објавени наскоро.
Инаку, Грција побара помош од ЕУ и пријателските земји за што поскоро да се заврши модернизацијата на железницата. Поради оваа причина, експертите за железници на ЕУ веќе во текот на неделата ќе пристигнуваат во Грција.