Блокадата се очекува да трае до вечерните часови

Грчките земјоделци денеска повторно го затворија граничниот премин „Евзони“, спречувајќи влез и излез кон нашата земја. Според информации од дописничката на МИА од Атина, блокадата ќе трае до 22 часот, а на местото се собрале над 300 трактори.

Блокадата следува по вчерашните активности, кога преминот беше затворен во претпладневните и вечерните часови, по што сообраќајот се нормализираше до денешното повторно затворање.

Протести и блокади се одвиваат низ цела Грција, каде што земјоделците поставија вкупно 14 блока со над 6.000 трактори. Два од нив се на граничните премини „Евзони“ („Богородица“) и „Ники“ („Меџитлија“). На „Ники“ блокадата денеска беше кратка и се однесуваше само на товарни возила, додека автомобилите се движат непречено.

Граничниот премин „Дојран“ засега останува единствениот без блокади, а сообраќајот за влез и излез од Грција се одвива нормално.

Земјоделците од Солун денеска се обидоа да стигнат до солунскиот аеродром за да постават нов блок, но беа спречени од полицијата, при што се случија и инциденти со употреба на солзавец.

Во внатрешноста на Грција, кај местото Никеа близу Лариса се наоѓаат околу 1.800 трактори кои го блокираат автопатот Солун-Атина. Во Кардица се собрани над 2.000 трактори, а блокада има и на излезот од Солун кон Атина.

На повеќе места каде што траат блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки како симболична порака дека нема да отстапат и дека се подготвени празниците да ги поминат на улица.

Протестите започнаа во неделата и се најавува постепено интензивирање до 5 декември, а засега нема информации до кога ќе траат.