Земјотрес во Камчатка со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала го погоди крајниот исток на Русија
Земјотрес во Камчатка со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала утрово го погоди крајниот исток на Русија, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC). Епицентарот бил регистриран во близина на брегот на полуостровот Камчатка, а хипоцентарот се наоѓал на приближна длабочина од 40 километри.
Станува збор за најсилниот земјотрес во новата серија потреси што го зафатија регионот по 30 јули. Тогаш, Камчатка беше погодена од еден од најсилните земјотреси во историјата, со јачина од 8,8 степени.
Од тој момент досега, регионот бележи стотици последователни потреси – т.н. афтершокови. Афтершоковите се со интензитети што достигнуваат до 6,5 степени според Рихтеровата скала.
Сеизмолозите засега не пријавиле значајни штети или жртви од најновиот потрес, но предупредуваат дека ризикот од нови силни афтершокови останува висок.