Жена ги измами банкарите во Црна Гора. Објавена e фотографија од измамничката која подигнала 1,3 милиони евра туѓа заштеда од банка во Црна Гора.
Полицијата трага по жена која на 12-ти април, користејќи фалсификувани документи подигнала од „Ловчен банка“ 1,3 милиони евра од туѓа сметка. Полицијата била известена ден подоцна за измамата. Банката сфатила дека се работи за измама кога жената сопственик на сметката ги известила дека не побарала исплата на парите и дека последен пат во Црна Гора била пред една година. Измамничката дала на увид фалсификувана лична карта на име на жената чии пари се подигнати. Таа на 11-ти април најавила дека ќе дојде да ја подигне заштедата од филијалата на банката во Херцег Нови. Поради големиот износ банката ја изветила кога може да дојде. Ден потоа таа со ранец влегла во банката, ги земала парите и од тогаш и се губи трага.
Од банката уверуваат дека оштетената клиентка ќе биде обештетена бидејќи се работи за изолиран случај кој е покриен со осигурителна полиса и кој не може да влијае на редовното функционирање на банката.