Жесток одговор на Израел, по ракетниот напад на Хамас врз северниот дел на Израел. Во борбите долж границата загина жена и три деца. Палестинскиот премиер Мохамед Штајех низ солзи ги информираше министрите за безизлезната состојба на цивилите во Газа и побара апсење на израелскиот министер кој „сака да ја види Хирошима во Газа“, бидејќи ја најави можноста за фрлање на нуклеарна бомба врз појасот. Израелскиот премиер Нетањаху војната ја нарече битка меѓу цивилизацијата и варварството, неговите војници наскоро треба да влезат во градот Газа и да се соочат со заседите од палестинска страна, објавува Телма.

Преку границата со Либан, Израел одговори со гранатирањето, откако предходно милитантите на Хамас истрелаа 16 ракети во северниот дел на Израел. Милитантите на Хезболах и неговите либански и палестински сојузници се судираат со израелските војници од 8 октомври, ден по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас. Борбите главно беа ограничени долж границата, но во последните денови се зголемија воените активности откако во израелски воздушен напад беа убиени четворица цивили, една жена и три деца, по што следеше ракетен напад на Хезболах врз северниот израелски град Кирјат Шмона во кој загина еден Израелец.

Палестинскиот премиер Мохамед Штајех плачеше додека го информираше својот кабинет за состојбата на луѓето во Газа, кои на телата на децата им ги пишуваат имињата за да ги иденфикуваат. Штаје го повика Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на израелскиот министер кој рече дека фрлањето нуклеарно оружје на Појасот Газа е „опција“, а од ОН побара да ги откажат прославите на Меѓународниот ден на детето и да објават слики од палестинските деца.

Децата ги пишуваат своите имиња на нивните тела за да може да се идентификуваат нивните тела. Мајката на трите деца кои беа затрупани под урнатините им вели на своите деца: „Да те видам, дури и во сон“… (плаче) Израелскиот министер за наследство не беше задоволен со 10.000 маченици, повеќе од 25.000 ранети и милион раселени луѓе. Сакаше да ја види Хирошима во Газа. Сакаше да го види геноцидот извршен со нуклеарните бомби што Израел ги поседува. Убивај со цел да убиеш- Мохамед Штаје, палестински премиер.
Во изминатите 24 часа се забележани едно од најинтензивните израелски воздушни напади досега. Откако го пресече Појасот Газа на два дела, израелската војска притиска кон некои најнаселени области, каде што остануваат најмалку 300.000 цивили, кои одбиваат да ја напуштат областа. Но, по постојаните повици да си заминат на безбедно, израелската војска објави видео на кое се гледа како палестинските цивили во Газа се движат кон јужниот дел на појасот.

Во меѓувреме, преминот Рафах во Египет повторно беше отворен, овозможувајќи евакуација на ранетите и странските државјани. Се смета дека околу 7.000 луѓе се обидуваат да излезат. Амбулантни возила постојано ги полнат болниците со ранети по крвавите напади на Газа. Израелските медиуми јавуваат дека се очекува наскоро војниците да влезат во градот Газа, а палестинските милитанти се подготвуваат за улични војни заседи од огромна мрежа тунели.

Израелскиот премиерот Бенјамин Нетанјаху им рече на амбасадорите во Израел дека неговата земја ја води „глобалната битка“ против „оската на теророт“ предводена од Иран.

Она што го гледаме е поширока битка меѓу цивилизацијата и варварството. Варварството го води оската на теророт, оската на теророт ја води Иран – ги вклучува Хезболах, Хамас, Хутите и нивните други потчинети. Тие се обидуваат да го вратат Блискиот Исток и светот во мрачно доба. Тие се обидуваат да го торпедираат, да го попречат секој напредок кон мирот и напредокот и ветувањето што ги имавме во нашите мировни договори со нашите арапски соседи- Бењамин Нетањаху, премиер на Израел.
Израел почна да ја бомбардира Газа откако Хамас уби повеќе од 1.400 луѓе во Израел и киднапираше повеќе од 200. Во без малку едномесечните борби Хамас јавува за повеќе од 10.000 убиени Палестинци, од кои повеќе од 4.000 деца. Бројот на жртвите најверојатно ќе се зголеми кај двете страни во војната.