Комисијата за заразни болести вчера ја оцени епидемиолошката состојба во државава како подобрена, но не и добра поради фактот што е зголемен бројот на нови КОВИД случаи меѓу децата од шест до 14 години. Комисијата апелира до граѓаните да примат трета доза вакцина, како најдобар начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт. Засега не се планира укинување на сертификатите за прележан КОВИД-19.
-Се забележува намалување на бројот на новооткриени случаи со КОВИД-19, што значи подобрување на епидемиолошката состојба, но, тоа не ни дава за право да кажеме дека е добра епидемиолошката состојба, а за тоа особено не потсетува возрасна група од 6 до 14 години каде што забележуваме зголемување на бројот на нови случаи и тоа се школските деца кои се на настава со физичко присуство, рече вчера претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Од Комисијата информираа дека од вчера во Скопје се закажуваат термини за тестирање за Ковид-19 и на пунктовите во Ѓорче Петров, Идадија и Бит Пазар, се со цел да се забрза тестирањето. Со оглед дека бројката на новозаразени меѓу децата до 14 години е зголемена, Петличковски апелира до учениците и до родителите да го прифатат тестирањето.
Во врска со скринингот во Скопје, Петличковски очекува во почетокот на следната недела да имаме првични податоци за серопреваленцата во главниот град. Целта на скринингот е да може да се добијат релевантни податоци за тоа каква е трансмисијата на вирусот во училиштата.
Од Комисијата, меѓу другото, предлагаат факултетите каде наставата не се одвива со физичко присуство туку онлајн, да се насочат кон физичко присуство и повторно да биде поткрепена со вакцинирање кај студентите и кај наставниот кадар.
Сите анализи на здравстевните институции укажуваат дека најголем број од починатите од Ковид-19 биле невакцинирани или примиле две дози пред повеќе од шест месеци.
-Според бројките од 1 до 31 јануари, од 382 починати 233 се невакцинирани, а околу 150 и нешто се вакцинирани, но најголем дел од вакцинираните се вакцинирани пред повеќе од шест месеци и немаат примено трета доза. Околу 30-тина, пак, биле вакцинирани во рок помал од шест месеци, информира Петличковски, кој рече дека нивниот апел за вакцинирање со трета доза најмногу допрел до лица над 70 години.
Тој соопшти дека кумулативниот леталитет (смртност) од Ковид-19, од почетокот на болеста до денес, е три отсто.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ, пак, изјави дека во моментов не може да стане збор за укинување на сертификатите за прележан Ковид-19.
-Во моментот кога ќе има релаксирање на епидемиолошката состојба, кога нема да имаме толку високи бројки ќе може да разговараме и за поинакви мерки кои ќе бидат аплицирани, меѓутоа сега во моментов не може да стане збор за укинување на сертификатите за прележан Ковид-19, истакна Мехмедовиќ.
Посочи дека сертификатите не се во насока на тоа да се спречи трансмисијата, туку да се спречи пренесувањето на вирусот на тие кои го немаат имунитет.
Во претходното деноноќие беа регистрирани нови 1.269 случаи на КОВИД-19 од направени 4.047 тестови или 31 процент, вкупно евидентирани 25 починати лица и тоа 14 во последните 24 часа и 11 преку системот „Мој термин“, а оздравени 848 пациенти.
Од вкупниот број на позитивни (1.269), регистрирани се 162 реинфекции.
Од вкупниот број на починати лица, кај 23 лица се регистрирани коморбидитети. Нема податоци колку од починатите биле вакцинирани.
Досега во земјата се направени вкупно 1.852.018 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 288 750, на оздравени пациенти е 269 862, на починати е 8 793, а бројот на активни случаи изнесува 10.095.
Според епидемиолошки анализи во моментов, најмногу активни случаи има во Скопје – 5924, потоа Битола 470, Куманово 407, Тетово 392, Кавадарци – 354, Прилеп 335, Велес 280, Охрид 243,
Гостивар 219.Во другите градови има под 200 активни случаи.
Во светот досега од КОВИД се заразиле речиси 415 милиони жители, починале повеќе од 5,8 милиони, а оздравеле 337 милиони.