Авиокомпаниите во Обединетото Кралство го зголемија бројот на откажани летови за мај, покажуваат новите податоци, во услови на високите цени на авионското гориво и стравувањата од недостиг.

Компанијата за авијациска аналитика Cirium соопшти дека, заклучно со денеска, авиокомпаниите укинале 296 полетувања од британските аеродроми овој месец, што е 0,75 отсто од вкупниот број. Тоа е пораст во однос на 120-те откажувања регистрирани пред шест дена, пренесе ДПА.

Податоците за шпицот на летните месеци покажуваат дека намалувањата на распоредот на неделно ниво засега се ограничени. Бројот на појдовни летови планирани за јуни е за 48 помал во споредба со минатата недела, откако биле откажани 0,2 отсто од летовите. За јули неделното намалување изнесува 31, додека за август таа бројка е само четири.

Авиокомпаниите избегнуваат одговорност за исплата на обесштетување доколку го откажат летот најмалку две недели однапред, што значи дека можат да ги одложат одлуките за летните откажувања и сепак да избегнат исплати.

Цената на авионското гориво е повеќе од удвоена од почетокот на војната на Блискиот Исток, бидејќи Иран продолжува да го држи под контрола преминот на танкерите низ Ормуската Теснина. Поради овој проблем, неколку авиокомпании ги скратија своите распореди. Во Европа, групацијата Lufthansa во април најави дека ќе откаже 20.000 летови во следните шест месеци за да заштеди гориво. KLM и Scandinavian Airlines (SAS) исто така се погодени.

Минатата недела, IAG, матичната компанија на British Airways, предупреди дека профитот ќе биде погоден бидејќи очекува да потроши околу 2 милијарди евра (2,3 милијарди долари) повеќе од планираното за гориво оваа година. Извршниот директор Луис Галего изјави дека IAG не верува дека ќе има „некаков прекин во текот на летото“ во однос на снабдувањето со авионско гориво.

Претходно овој месец, британската министерка за транспорт Хајди Александар изјави дека плановите за летните одмори нема да се соочат со големи нарушувања поради недостиг. Таа откри дека е увезено повеќе гориво од Америка, а британските рафинерии го зголемиле своето производство. Владата, исто така, воведе привремена промена на правилата со која им се дозволува на авиокомпаниите да ги групираат патниците од различни летови во помал број авиони за да заштедат гориво.