Од стотиците анализирани случаи, во 50% од нив е изречена затворска казна, 34% условна, а за останатите обвинетите биле ослободени, покажува анализата на Коалицијата „Сите за еднакво судење“. За исти прекршоци се случува судовите да носат различни одлуки.

Најголем број сообраќајни незгоди во текот на 2020 година се регистрирани на територијата на Скопје, односно 1.571 случај. Податоците на МВР покажуваат дека во однос на 2019 година бројот на овие случаи е зголемен за 50%.

Бројот на жртви во сообраќајот во текот на 2020 година е намален во однос на 2019 година. Материјалната штета евидентирана во овие несреќи е околу 511 милиони денари. Денеска во главниот град Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот засади 125 садници во знак на сеќавање на лицата кои го загубија животот во сообраќајните незгоди.

Критики дека се изрекуваат ниски казни за причинителите на сообраќајните незгоди, пред неколку дена имаше и од Антикорупциска комисија. Кај нас највисоката казна изречена за сообраќајна несреќа каде има жртви е три години затвор. За ваквите дела законот предвидува затвор од 1 до 5 години.