Половина час чекање на Табановце и Богородица, засилен сообраќај и нови измени на патиштата

На граничните премини Табановце и Богородица, утрово се чека околу 30 минути, информира Авто мото сојузот на Македонија. На останатите премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез и излез од државата.

Густ сообраќај и нов режим на Експресниот пат А1

Густината на сообраќајот надвор од урбаните средини е зголемена, но сообраќајот на државните патишта се одвива без застои, по суви коловози. Од денес до 16 септември 2025 година, на трасата Градско – клучка Дреново, која е дел од Експресниот пат А1 и Коридорот 10д, ќе важи привремен изменет сообраќаен режим. Причина за ова се градежните активности поврзани со проектот за изградба на нова патна делница. Сообраќајот на оваа делница ќе биде пренасочуван и регулиран со поставена сообраќајна сигнализација.

Препораки за поголема претпазливост при возење

АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината и внимателно да управуваат со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од одрони. Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.