Гори на девет места, најкритично во Берово, Прилеп и Радовиш
Македонија продолжува да се соочува со сериозна опасност од пожари, во услови на екстремно топло и суво лето. До 12:30 часот денеска, Центарот за управување со кризи (ЦУК) регистрираше 15 пожари на отворен простор, од кои девет се уште се активни и претставуваат закана за шумите, земјоделските површини и населените места. Шест пожари се ставени под контрола, но остануваат под внимателен надзор.
ГОРИ НА ОСУМ МЕСТА: Еве каде има активни пожари низ Македонија
Истокот и југот најпогодени – непристапен терен кај Бешиште
Најкритично е во источна и јужна Македонија – особено во Василево, Радовиш и Берово. Таму огнот зафати нискостеблеста шума, грмушки и смрека. Во Прилеп, кај селото Бешиште, пожарот се шири кон селата Градешница и кон границата со Грција. Интервенцијата е отежната поради присуство на детонации. Пожари се шират и во шумскиот појас меѓу Прилеп и Кавадарци – села Царевиќ, Смолани, Радобил, Дрен, Галиште и Трстеник, како и во Македонски Брод, каде гори деградирана дабова шума.
Контролирани, но нестабилни жаришта низ земјата
Иако некои пожари се ставени под контрола – како оние во Облавце и Довезенце кај Куманово, Грешница (Македонски Брод), Селце и Драгоево (Штип), Јунузлија (Карбинци), Горно Црско (Кичево) и меѓу Катланово и Чифлик (Петровец) – властите предупредуваат дека состојбата останува нестабилна. Прогнозите најавуваат ветровито време, што дополнително го зголемува ризикот од повторно активирање на жариштата.
ЦУК апелира до граѓаните да не палат оган на отворено и веднаш да пријавуваат чад или оган до надлежните служби.