За еден сантиметар е зголемен водостојот на Преспанското Езеро, а нивоата на другите две природни езера во земјава се исти како вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Сепак, и покрај тоа, водостојот на Преспанското Езеро е за 1,83 метри понизок од просекот за јануари. Пониско од просечното и тоа за 19 сантиметри е и нивото на Охридското Езеро, додека водостојот на Дојранското Езеро е за 2,54 метри повисок од повеќегодишниот просек за овој период од годината.
Пониски од просечните се и нивоата на повеќето реки во земјава иако кај најголем дел од нив има благо зголемување на водостојот во споредба со вчера. Повеќе од двојно во споредба со вчера, е зголемено нивото на реката Треска на мерното место кај Македонски Брод.