За два сантиметра е зголемен водостојот на Дојранското, а за еден на Преспанското Езеро, додека нивото на Охридското Езеро е исто како вчера, покажуваат резултатите од последните мерења направени од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Со тоа, водостојот на Дојранското Езеро е за 1,91 метар повисок од просекот за април, а нивоата на останатите две природни езера се пониски од просечните и тоа за 2,02 метра кај Преспанското и за 29 сантиметри кај Охридското Езеро.
Водостоите на реките во земјава, пак, најчесто се блиски до повеќегодишниот просек за овој период од годината и бележат благо зголемување во споредба со вчера. Најголемо зголемување на нивото во споредба со вчерашното од 7,5 пати има реката Брегалница на мерното место кај Берово. И покрај тоа водостојот на ова мерно место и е за седум сантиметри понизок од просечниот за април.