Утрово најголемите задржувања на македонските гранични премини се бележат на Табановце, каде за влез во државата се чека повеќе од еден час. Сообраќајот на државните патишта, пак, се одвива непречено и по суви коловози, иако интензитетот на возила надвор од градските средини е зголемен, информира Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).

Според АМСМ, на граничниот премин Богородица за излез од државата задржувањето изнесува околу 15 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги чекања ниту за влез, ниту за излез од државата.

Од Авто-мото сојузот апелираат возачите да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно со возилата, особено на патните правци што минуваат низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони.

Посебна внимателност се препорачува на патните делници Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.