Американскиот крстосувачки брод „Одисеја“, кој се наоѓа на три и полгодишно патување околу светот, ја прекина својата пловидба во Камбоџа. Причина за прекинот е наглото зголемување на трошоците за гориво поврзани со војната во Иран, што ги принуди 203 патници да се симнат од бродот, соопшти компанијата што управува со пловилото.

Растот на цените на горивата е директно поврзан со намалениот поморски сообраќај низ Ормуската Теснина од почетокот на војната во Иран, што влијаеше врз снабдувањето со нафтени деривати, особено на пазарите во Југоисточна Азија. Компанијата „Вила Ви Резиденс“, со седиште во Флорида, соопшти дека месечните трошоци за гориво по бродска кабина, кои претходно во просек изнесувале 1.800 долари, во одредени делови на Азија се зголемиле на проценети 6.000 до 8.000 долари.

„Не бевме во можност да продолжиме да ги покриваме настанатите оперативни загуби“, соопшти компанијата.

Од компанијата додадоа дека обидите да се намали потрошувачката преку побавно пловење и подолг престој во пристаништата не биле доволни за да се надомести драстичниот раст на трошоците. Компанијата во моментов соработува со патниците за организирање на нивното симнување и пронаоѓање привремено сместување.

Бродот моментално е закотвен во пристаништето Сихануквил во Тајландскиот Залив, а датумот за продолжување на патувањето сè уште не е официјално потврден. Според изјавите на камбоџанските претставници, на бродот имало и 156 членови на екипажот. Заменик-гувернерот на провинцијата Преа Сиханук изјави дека се очекува бродот да ги надополни резервите на гориво и да ја напушти Камбоџа в сабота, но операторот сè уште го нема потврдено точниот датум на испловување.

Крстосувачот „Одисеја“ исплови од Белфаст во октомври 2024 година на патување за кое првично беше предвидено да трае три и пол години. Компанијата го рекламираше ова патување како можност за долгорочен живот на море, при што почетните цени за купување на апартманите изнесуваа околу 230.000 долари.