Германскиот производител на чоколадни пралини „Драјмајстер“ (DreiMeister), кој во мај започна стечајна постапка, не успеа да најде инвеститор што би го спасил работењето во Германија. Сепак, познатиот бренд нема да исчезне од пазарот, бидејќи производството ќе продолжи во Белгија.
Белгискиот претприемач Жо Бале ги презел правата на брендот и производствената опрема, а производството во иднина треба да се одвива во белгискиот град Варегем, пишува „Феникс магазин“, повикувајќи се на германските медиуми.
Бале е искусен менаџер во прехранбената и кондиторската индустрија. Од 2017 година работел за белгискиот производител на бисквити „Жил Деструпер“, а годинава во Варегем ја основал компанијата „Белџиан чоколејт студио“ (Belgian Chocolate Studio).
Во рамките на новата компанија планира да отвори погон за производство на чоколадни специјалитети. За таа цел, производствената опрема од германскиот град Верл ќе биде демонтирана и транспортирана во Белгија.
„Драјмајстер“ подолго време барал купувач што би ја презел компанијата и би го продолжил нејзиното работење во Германија, но обидите завршиле без успех.
Стечајниот управник Михаел Шите уште на почетокот на јули изјавил за „Билд“ дека, и покрај интензивните напори, не била доставена ниту една конкретна и остварлива понуда за инвестирање или преземање на компанијата.
Како главни причини за финансиските проблеми биле наведени зголемените цени на суровините и енергијата, како и загубите предизвикани од послабите приноси на земјоделските култури.
Особено голем удар за компанијата претставувале високите цени на какаото, кои во последните години сериозно ја оптоваруваат целата чоколадна индустрија.
На состанок со вработените, одржан на 1 јули, отказ добиле сите 101 преостанати работници.
Kомпанијата „Драјмајстер“ е основана во 1973 година во германскиот град Верл од Ханс Шредер, но корените на семејниот бизнис датираат уште од педесеттите години на минатиот век, кога било отворено кафулето „Кафе Шредер“.
Со текот на годините компанијата станала позната по рачно изработените чоколадни пралини, тартуфи и други чоколадни специјалитети, кои главно се продавале во специјализирани продавници и малопродажни објекти.
Иако производството во Германија ќе згасне, преземањето на брендот и машините од белгискиот инвеститор ќе овозможи производите на „Драјмајстер“ и понатаму да бидат присутни на пазарот.
Така, по повеќе од пет децении, завршува производствената приказна на компанијата во Германија, додека брендот добива нов почеток во Белгија.
