Министерот за одбрана, Владо Мисајловски, најави почеток на преговори за нов колективен договор и зголемување на платите во Армијата, нагласувајќи дека Владата веќе ги сервисира обврските наследени од минатото.

– Од понеделник ќе започнеме со нов колективен договор, од следна година ќе се зголемат платите од Армијата, ќе се зголеми бодот и од наредните години со буџетот ќе има процентуално зголемување за Армијата. Од понеделник ќе седнеме заедно со сите синдикати, ќе разговараме за колективен договор изјави Мисајловски во одговор на пратеничко прашање од пратеничката Славјанка Петровска.

Тој посочи дека од неговото доаѓање на функцијата се работи на расчистување на финансиските обврски од минатото, особено по основ на тужби.

– Секоја година се соочуваме со неколку илјади тужби од минатото, кои се исплаќаат – рече тој.

Осврнувајќи се на буџетската состојба, Мисајловски нагласи дека со актуелниот ребаланс приоритет е подмирување на старите долгови.

– Во овој момент, со ребалансот, ги покриваме трошоците од минатото. Потребно е и понатамошно подобрување на капацитетите и инвестиции – рече министерот.