Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека од март наставниците во основните и средните училишта ќе добијат ново зголемување на платите од 7%. Ова е второто покачување во рамките на една година, по октомвриското зголемување од 5%.
Продолжуваат преговорите за нов колективен договор
Оваа најава беше дадена на средбата помеѓу министерката Јаневска и претседателот на СОНК, Јаким Неделков. Средбата е дел од тековниот социјален дијалог за усвојување на новиот колективен договор. Целта е да се подобрат правата на вработените во образованието.
„Постигнат е голем исчекор, усогласени сме по најголемиот дел од прашањата што ги засегаат вработените во училиштата. Денес продолжуваме со преговорите за целосно завршување на оваа обврска,“ изјави Јаневска.
Платите ќе се покачуваат до 60% до 2028 година
Според министерката, Владата има јасна стратегија за обезбедување долгорочна економска сигурност за наставниците. Планот предвидува зголемување на платите од најмалку 46% до 60% до 2028 година, во зависност од инфлацијата.
„За прв пат растот на платите е поврзан со степенот на инфлација, што ќе обезбеди реално зголемување на приходите на вработените во основното и средното образование,“ нагласи Јаневска.
Овој чекор е дел од напорите за подобрување на условите во образованието и поттикнување на наставничката професија како клучен столб во развојот на општеството.