Технологијата ги надминува границите, талентот нема центар и периферија

Жените денес ја создаваат инфраструктурата на иднината и се двигатели на технолошките промени. Ова беше пораката на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на 24-часовната виртуелна конференција на Women in Tech, глобална иницијатива посветена на инклузија, разновидност и еднаквост во STEM областите.

Таа оцени дека времето кога географијата ги диктирала можностите е зад нас. Според неа, знаењето, храброста и визијата денес ги надминуваат сите граници.

„Живееме во време во кое технологијата ја обединува планетата побрзо од кога било претходно. Во минатото, географијата ги одредуваше можностите, а денес знаењето, храброста и визијата ги надминуваат границите. Во таа нова географија што ја создава технологијата, не постојат центри и периферии на талентот, туку идеи што чекаат да бидат препознаени, поддржани и реализирани. Долго време многу жени работеа во тишина, во средини без паритетна застапеност, во институции каде мораа да се докажуваат двојно за да им биде признаен трудот. Денес, благодарение на нивната истрајност и визија, жените не се повеќе исклучоци во светот на технологијата. Тие се истражувачки умови, основачки на стартапи, директорки на компании, програмерки, инженерки, дизајнерки, визионерки. Тие ја создаваат инфраструктурата на иднината: од вештачката интелигенција до дигиталните платформи што ги поврзуваат луѓето и економиите“, нагласи претседателката.

Таа посочи дека од Сиднеј до Скопје, од Берлин до Сингапур, од Њујорк до Токио, жените зборуваат, слушаат и споделуваат искуства, создавајќи заедничка глобална приказна.

Напредокот се гради со солидарност и споделено знаење

Сиљановска-Давкова истакна дека успехот во современиот свет не е индивидуална трка, туку процес што се темели на меѓусебна поддршка.

„Кога една жена напредува, таа отвора простор за друга и кога една создава, таа го проширува хоризонтот за многу други. Денес, жените создаваат бескраен дигитален простор: алгоритми, истражувања и иновации што влијаат врз општествата. Тие повеќе не се гости во светот на технологијата, туку се негови креаторки. На девојките, кои денес го прават својот прв чекор во технологијата, сакам да им порачам дека иднината не е однапред напишан код. Таа се создава секој ден преку љубопитноста, креативноста и смелоста да се замисли свет што се уште не постои. Нека не дозволат никој да им каже дека нивните идеи се премногу големи или нивните амбиции премногу смели, зашто секој голем технолошки пробив започнал како нечија храбра мисла. За жените, вредностите отсекогаш биле темел врз кој се гради напредокот. Без оглед на расната, етничката или верската припадност, тие секогаш ќе стојат на страната на правдата, правото и човечкото достоинство“, напомена таа.

Конференцијата ја опиша како „невидлива линија што го поврзува светот од една временска зона до друга, од еден континент до друг“.

24-часовниот настан се одржа вчера и обедини илјадници учеснички од различни континенти. Преку знаење, искуство и солидарност тие испишуваат заедничка женска глобална приказна.