Посебна грижа за најранливите: постари лица, деца, бремени жени и хронично болни

Македонија е на удар на високотемпературен бран, со дневни температури кои денес достигнуваат до 38°C, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во Скопје и повеќе други градови, времето ќе биде сончево и исклучително топло, со минимални температури од 11 до 19 степени, а максимални меѓу 30 и 38.

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со сет препораки насочени кон заштита на здравјето, особено за најранливите категории – лица над 60 години, деца, бремени жени, хронично болни, лица со прекумерна тежина и ментални нарушувања, како и граѓани кои се на терапија.

„Избегнувајте директно сонце, пијте вода редовно, не чекајте да почувствувате жед“

• „Ако не можете да избегнете престој надвор, одморајте се редовно на сенка и секогаш избегнувајте директна изложеност на сонце. Најкритичниот период е од 11 до 17 часот“, стои во препораките на ИЈЗ.

• „Пијте доволно течности – најмногу вода – и не чекајте да се појави чувство на жед. Никогаш, дури ни за кратко, не оставајте луѓе или миленици во паркирани возила. Се препорачува туширање со млака вода или ставање ладни облоги на телото.“

Институтот апелира хронично болните да останат во редовна комуникација со своите матични лекари и строго да ги почитуваат препораките за терапијата.

Aфрикански бран ја зафаќа Македонија: Температурите во пораст!

Што да носите и како да се заштитите во овие температури?

Од ИЈЗ со важни препораки. „Препорачуваме носење лесна, широка облека во светли бои, капи со широк обод и очила за сонце. Престојот во климатизирани простории е од големо значење, особено во најтоплите часови“, велат од ИЈЗ.

Ризикот е најголем за луѓето кои работат на отворено или кои мораат да се движат надвор во текот на денот. Затоа, потребна е зголемена претпазливост, но и организираност на дневните активности, советуваат здравствените служби.