Клуге предупреди на последиците од топлотниот бран
Пет лица починале во Италија во последните 24 часа како последица на екстремно високите температури, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО), која истовремено упати повик до европските власти да ги засилат превентивните мерки поради топлотниот бран што го зафати континентот.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, оценил дека актуелните временски услови претставуваат сериозно предупредување за она што може да следува во иднина.
„Низ Европа, одделенијата за итни случаи во моментов се преполни со пациенти, додека службите за Итна медицинска помош бележат рекорден број интервенции. Италија регистрираше пет смртни случаи поврзани со жештините во последните 24 часа“, рече Клуге.
СЗО бара засилени превентивни мерки
Според италијанската новинска агенција АНСА, Клуге предупредил дека топлотниот бран што моментално ја погодува Европа претставува еден вид „генерална проба“ за идните екстремни временски услови.
Од СЗО порачуваат дека поради високите температури е неопходно властите низ Европа да ги зајакнат превентивните мерки за заштита на населението.
