Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција изјави дека жителите на Појасот Газа, според него, бараат Израел да ги ослободи од владеењето на Хамас.

„Нашата мисија не е окупација на Газа, туку нејзино ослободување“, порача тој, додавајќи дека конфликтот би можел да заврши веднаш доколку Хамас се разоружа и ги ослободи сите заробени лица. Нетанјаху најави дека по разоружувањето на Хамас, територијата ќе биде демилитаризирана, а управата ќе ја преземе „неизраелска цивилна администрација“.

Тој истакна дека одбивањето на Хамас да се откаже од оружјето го принудува Израел „да ја доврши операцијата“. Според него, Газа има две преостанати упоришта – во централните бегалски кампови и во градот Газа – кои планира целосно да ги уништи. „Во моментов, околу 70 до 75 проценти од територијата е под наша воена контрола“, додаде тој.

Израелскиот кабинет за безбедност, рече Нетанјаху, веќе наложил на вооружените сили да ги демонтираат двете преостанати бази на Хамас, што го смета за најбрз пат кон завршување на војната.

Премиерот наведе и дека Израел дозволил влез на два милиони тони хуманитарна помош во Газа, но тврди дека ОН не ја дистрибуираат целосно, додека Хамас, според него, присвојува дел од конвојите. „Ако навистина имавме политика на гладување, никој во жителите на Газа немаше да преживее по две години војна“, изјави тој.

Нетанјаху најави и дека ќе биде овозможен поголем пристап за странските новинари во Газа, иако, како што рече, постои предизвик околу нивната безбедност. „Одлучив и наложив армијата да внесе повеќе странски новинари“, објасни тој.

Во врска со идната „неизраелска цивилна администрација“ во Газа, премиерот потврди дека постојат неколку потенцијални кандидати, но не ги откри имињата за да не „се нарушат шансите за успех“. Тој ја повтори намерата за воспоставување безбедносен појас долж границата, додавајќи: „Не сакаме трајно присуство во Газа, но ќе обезбедиме дека Хамас нема да се врати“.

На прашањето за спасувањето на преостанатите заложници, Нетанјаху изјави дека целта е да се извлечат живи и дека се разгледуваат „различни и креативни начини“ за нивно ослободување додека израелските сили напредуваат кон позициите на Хамас.