Со четворица спортисти и двајца знаменосци, Македонија денеска официјално го започна својот настап на Зимските олимписки игри, учествувајќи на свеченото дефиле на отворањето што се одржува во Италија.
Македонското знаме беше претставено на две локации – во Кортина д’Ампецо го носеше алпската скијачка Јана Атанасовска, додека во Предацо улогата на знаменосец му беше доверена на Ставре Јада. Нивното појавување го означи симболичниот почеток на македонското учество на олимпискиот настан.
Олимписката делегација на Македонија ја сочинуваат уште алпскиот скијач Виктор Петков и Ана Цветановска, која ќе се натпреварува во нордиските скијачки дисциплини. Со оваа бројка, Македонија бележи свое најмасовно учество досега на Зимските олимписки игри.
Во моментот, свеченото отворање сè уште трае, а централната церемонија се одвива на култниот стадион „Сан Сиро“ во Милано, каде со официјалниот протокол ќе биде означен стартот на уште една олимписка зима.
