Зимзоленд се затвара поради нелегална работа и документи

Општина Аеродром почна со демонтажата на забавниот парк „Зимзоленд“, откако се утврди дека рингишпилите и другите реквизити работеа речиси две недели без каква било дозвола или потребна документација, јави „Телма“. Сега, по проверките, официјално е соопштено дека Зимзоленд се затвара, откако претходно општината ја пренасочуваше одговорноста кон Град Скопје и организаторите немале никакви документи.

Вчера инспектори од четири институции – Градежната инспекција на Општина Аеродром, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд и Дирекцијата за заштита и спасување влегоа во паркот и извршија увид.

Нарушување на хигиенските и пазарните правила

Од Државниот пазарен инспекторат соопштија дека затекнале лица што вршеле нерегистрирана дејност. Сопствениците се повикани да ја достават целата документација, вклучително и која лице управувало со „Зимзоленд“.

Проблеми имало и со санитарните услови. При вонреден надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство утврдила дека организаторот не е регистриран како оператор со храна и не ја известил Агенцијата дека ќе се продава храна. Поради тоа се изречени парични казни.

„Поради неисполнување на основни хигиенски услови за поставување на штандови на кои ќе се произведува и ќе се врши промет со храна, АХВ изрече мерки на секој штанд (на физички и на правни лица), но и на правното лице-организатор на манифестацијата „Зимзоленд“. Нему покрај парична казна од 500 евра, изречена му е и мерка временa забрана за вршење дејност производство и промет со храна,“ соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство.

Сообраќаен хаос и реакција на граѓаните

МВР интервенирало на дел од сообраќајниот метеж кој го создаваше нелегалниот лунапарк. Жителите на околните згради со денови реагирале на бучавата и хаосот предизвикан од „Зимзоленд“.