Како и секоја среда така и оваа немаат намера да отстапат, оти како што велат, надлежните не направија буквално ништо – прво за да го дислоцираат Центарот, а потоа и да ги убедат бардовчани дека таму нема долго да остануваат огромниот број странци кои би биле сместувани.
Пораките што ги испратија на последниот протест минатата среда, се загрижувачки. Истите не се демантирани до овој момент од ниедна институција. Имено еден од жителите, Владимир Бајлозов, за медиумите изјави дека клучниот документ на кој било јасно нагласено дека ваков Центар во непосредна близина на место на живеење може да биде опасност за населението – особено жените и децата, исчезнал од фиоките на надлежните институции. За проблемот на бардовчани се заинтересирал и лично евроамбасадорот во Македонија, до кого тие испратиле писмо, бидејќи изградбата на Центарот е финансирана со европски пари. Она што исто така загрижува, според Бајлозов, е дека евроамбасадорот бил изненаден од се што се случува, па лично се заложил да бара објаснувања од македонските надлежни институции.
Инаку протестот и денеска почнува во 17 часот, кога колоната автомобили на жителите ќе тргне од плоштадот во Бардовци. Главните пораки ќе се испратат пред влада во периодот меѓу 17.30 и 18.10 часот.