Се најави ред на паринзите, се направи грабеж на граѓаните – обвинуваат скопјани. Велат ПОЦ на секој можен начин ги краде граѓаните, особено жителите на Општина Центар.
– Живеам во општина Центар, во близина на Зелен пазар. За сопственото возило имаме картичка за влез на платениот паркинг, која ја обновуваме секоја година. Се случува да имаме и проблеми во периодот на објава заради разноразни одлуки на Советот кои се далеку од здраворазумски, но нејсе, со нервози, вртење телефони, некако го решаваме проблемот. За да може да дојде возило до нашиот влез за било какви потреби – гости, некоја служба, било што, извадивме гостинска картичка. Ќе се ограничело времето на паркирање на возилото, но ќе имало некаков ред на паркингот… Во ред нека е така. Но ред никаков нема. Повторно влезот со сопствено возило до паркинг местото пред зграда е вистински предизвик. Влегуваш, се пробиваш меѓу диви пазарџии кои продаваат на импровизирани тезги,возила претворени во тезги, кои, нели не треба да имаат дозвола за цел ден да се тука, не така ретко минуваш меѓу купувачи кои сметаат дека улицата е простор за движење, со оглед дека тротоарот е зафатен од диви тезги, те колнат, си сакал со кола на пазар да влезеш… Ти само одиш дома… – вели Билјана, жител на Центар, револтирана од политиката на ПОЦ.
Вели гостинските картички ќе беа добри доколку навистина се воведеше ред. Но ред нема, преполн паркинг, возила без лепенки за дозвола за паркирање…
-Со гостинската картичка сме ограничени. Во текот на денот, додека е отворен пазарот, односно до 17 часот, се ограничени на два часа. Некогаш доволно, некогаш премалку… Имам дете кое доцни со развој, поради што во текот на денот посетува одредени вежби. Го носи татко ми, да излезе в пресрет заради останатите обврски кои ги имаме. Одредени денови, кога има повеќе активности, на различни места, буквално ги броиме минутите кога да влезе, кога да излезе од паркинг за да може да го покриеме паркирањето со гостинската картичка. Таков ден на пример е среда, кога детето првата активност ја има во 13:30, дедо му влегува околу 13 часот, за веќе во 13:20 да го напушти паркингот, за да остане време за следните вежби. Меѓу двата часа има пауза од час и петнаесет минути, време во кое се враќаат дома, детево да јаде и пеш продолжуваат на вежби кои се во непосредна близина и каде е проблем идењето со кола, повторно поради проблем со паркинг. Потребни се околу час и половина за да се обават сите работи, вклучувајќи го враќањето на дедото од Центарот каде го остава детето за да ја извади колата од паркинг. Останува ние да брзаме од работа за да го земеме детето, затоа што нема можност дедото да го почека порад паркингот. Но некако ќе течат работите ако ПОЦ не се обидува по секоја цена да извлече максимум од џебот на граѓанинот. Денеска се јавив уредно да пријавам возило. Со оглед дека не успеав да воспоставам линија веднаш, пријавувањето на возилото го сторив на самото излегување од паркинг. Тогаш успеав да го пријавам возилото и да кажам дека веќе излегува, на само 20 минути од влегувањето. Но второто пријавување веќе беше проблем. Барав остатокот од времето да го искористам, но оттаму ми беше кажано дека имам само 1 час останато. По долго убедување со операторот и објаснување дека тие два часа ги користиме за возило кое го носи детето кое доцни со развој на потребните вежби и дека во систем може да провери дека постојано, со месеци наназад, неделниот распоред е исти, во исто време влегува возилото и во исто време излегува, не најдоме заеднички јазик и ми кажа да си платам доколку за еден час не го извадиме возилото на паркинг. Не возможно да се стигне. Му посочив дека барам да ми се даде информација кои возила во кој временски период се пријавени на мојата гостинска картичка, поради што јас немам доволно останато време. Ми рече ќе ме бараат од контакт центар. Оттаму се јавија со убедување дека машки глас пријавил возило, со регистрација слична на регистрацијата на возилото кое влегува, за подоцна женски глас да се јави да направи корекција на регистрацијата… Што не е точно, но и да е така, се јавил за корекција на регистрација, не за ново возило, па очекувано е да се направи исправка а не да се внесе уште едно возило и да се скрати времето преостанато за користење на картичката. На мое инсистирање да ми го дадат бројот на лицето кое се јавило да го пријави возилото со погрешна регистрација, вработениот во контакт центарот во неколку наврти избегна одговор. Кога повторно му нагласив дека по третпат го прашувам кој е бројот од каде е пријавено возило без дозвола на сопственици на картичката, ми рече дека таков податок нема, што повтоно беше нелогично. Кога го прашав а од каде тогаш знаат дека машки глас се јавил и кои бројки точно ги кажал, ако не го слушнале разговорот, ми одговори дека операторот таква изјава дал… На крај ми рече немам избор, мое е да си платам, а после ако сакам да поднесувам приговори. Му кажав и нему, не е за 70 денари, нема да осиромашам, но нема да дозволам некој да краде од народот. Да краде ПОЦ, кој е платен од граѓаните. Му кажав дека ќе поднесам проговори, дека ќе ја направам и голема, ќе објавам во медиуми, затоа што не е првпат да направат ваков проблем, по што ми ја спушти слушалката. Минатата недела, го имавме истиот проблем, за некои 20 минути за кои знам дека останаа неискористени, а тие ми ги скратија, но некако успеавме да ја завршиме целата таа постапка со оставање на детето и вадење на возилото во тој временски период, Но сега, кога беа во прашање 40 минути тоа е невозможно. – посочува Билјана.
Билјана не е единствената која се жали на односот на ПОЦ. Корисници на паркинзите велат дека при излез им се наплаќа нов час, затоа што не успеале да излезат на време, односно го пречекориле првиот час за само неколку минути, од причина што имало застој на рампа за излез, гужва на пункт за плаќање… Но и тогаш нема разбирање. И онака високите цени за паркинг граѓаните се должни да ги платат двојно повеќе.
Сметаат дека ова е смислен начин како да се извлечат повеќе пари од граѓаните, а условите на паркинзите се катастрофални.
-Плаќаш 70 денари паркинг, некаде и повеќе, паркираш во ѓубре, во вода, не можеш да излезеш од возилото, избегнуваш дупки како на компјутерска игра… Безбедноста на возилото воопшто да не го спомнуваме. А да не зборуваме дека лепенка за ПОЦ, која ги следува граѓаните од Општина Центар ја имаат сите кои имаат блиски во ПОЦ. Тоа се случува години наназад – коментираат граѓаните.