Вечерва сите очи се вперени кон ракометниот натпревар од СЕХА лигата меѓу Партизан и Вардар. Комити на мечот во салата „Бањица“ влегоа дури во 55 минута, а успеаа да возвратат и на навредите од Гробари.

Навивачите на Партизан го дочекаа Вардар во Белград со грчко знаме и уште повеќе ја испровоцираа цела Македонија, со паролата што ја истакнаа на вечерашниот меч, патем скандирајќи навредливо „Стара Србија, никад Македонија“.

Комити докажаа дека се верни на клубот со тоа што влегоа и покрај тоа што беше решен победникот. Повеќе од три часа вардаровите навивачи не биле пуштани да влезат во Србија на граничниот премин „Табановце“ и тоа од српската полиција, без никакво образложение. Црвено-црните фанатици, кои не го најавија гостувањето јавно, но уредно ги информираа властите на нашиот северен сосед, на границата биле претресувани речиси до гола кожа.

Откако им бил дозволен влез, со полициска придружба се упатиле накај Белград, но тоа одело толку бавно што веќе на сите им станало јасно дека нема да стигнат на почетокот на средбата. Но, се случи најлошо сценарио за нив – им беше дозволен влез на пет минути пред крајот, кога веќе прашањето на победникот беше решено. Кога се појавија во салата, настана толкава еуфорија, што на преносот се забележа како сите домашни фанови скандираат „Стара Србија, никогаш Македонија“, а се пееше и грчка навивачка песна.

Комити на сите провокации возвратија со „Живо ви е кралството – колку и другарството“. Фотографијата од црвено-црните фанатици може да ја погледнете во продолжение.