Данска испраќа нови војници на Гренланд

Данска одлучи да испрати нови војници во Гренланд и најави значително зголемување на бројот на припадници на армијата на арктичкиот остров.

Портпаролот на данската армија изјави за CNN дека војниците ќе бидат распоредени подоцна вечерва.

Според неговите информации, данските сили ќе бидат испратени во општината Кангерлусуак, која се наоѓа во југозападниот дел на Гренланд, во рамки на Арктичкиот круг.

Со војниците ќе биде распореден и началникот на Генералштабот на данската армија, генерал-мајор Петер Бојсен, додаде портпаролот.

Претходно, началникот на Арктичката воена команда, генерал-мајор Сорен Андерсен, изјави дека повеќе од 200 војници во моментов се стационирани во Гренланд и потврди дека авиони на данските воздухопловни сили патролираат по источниот брег на островот.

Андерсен посочи дека најмалку 100 војници се распоредени во главниот град Нуук, додека дополнителни 100 се стационирани во Кангерлусуак.

Тој повика на смиреност и нагласи дека во моментов не постои воена закана за Гренланд. Иако не го откри точниот број на распоредени војници, потврди дека француските специјални сили пристигнале во Кангерлусуак, каде што спроведуваат обука.

„Данските сили имаа два борбени авиони кои патролираа по источниот брег на Гренланд, а беа поддржани од француски воен авион за полнење гориво од воздух“, рече Андерсен, додавајќи дека нема закана од САД и дека населението може да биде мирно.

Тој им порача на граѓаните на Гренланд да продолжат со своите секојдневни активности и да го искористат доброто време во Нуук.

 

 

Данска испраќа нови војници на Гренланд