Вработените во основното и средното образование ќе имаат значителни зголемувања на платите во наредните четири години, со најмалку 46%, а можеби и до 60% повисоки примања. Ова го објави премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека договорот со СОНК е историски чекор кон признавање на важноста на образовниот кадар.
Зголемување од 46 до 60 проценти
Мицкоски објасни дека зголемувањето на платите ќе се движи од минимум 46% до потенцијални 60%, во зависност од состојбата на државниот буџет. Притоа, тој го нагласи значењето на ова зголемување, кое се смета за прво од ваков обем во историјата на македонското образование.
-
„Минимум 46% зголемување ќе имаат наставниците и професорите, а во зависност од буџетот, може да достигне до 60%. Ова е историски чекор за кој се договоривме со СОНК,“ истакна Мицкоски.
Платите ќе се зголемуваат етапно до 2028 година
Зголемувањето на платите нема да се однесува само на наставниците и професорите, туку на сите вработени во образовните институции. Првото зголемување ќе се случи со исплатата на октомвриската плата, кој ќе биде зголемена за 5%. Потоа, следните години ќе се спроведуваат етапни зголемувања со секоја мартовска плата, до 2028 година.
-
„Првото зголемување од 5% ќе го видат со октомвриската плата, исплатена во ноември. Понатаму, во март 2025 ќе има дополнително зголемување од 7%, а секоја година до 2028 ќе има нови покачувања, од 7,5% до 12,5%, во зависност од буџетските можности,“ додаде Мицкоски.
Зголемување на платит во здравството е следно
Покрај значителното зголемување на платите во образованието, Мицкоски најави дека фокусот на владата сега ќе се насочи кон здравството. Тој посочи дека приоритет е обезбедување поголеми примања за сите вработени во јавните сектори, следејќи ги веќе реализираните покачувања на пензиите и програмите за млади.
-
„По успешното зголемување на платите во образованието, наш следен чекор е зголемување на платите во здравството. Владата се стреми да обезбеди повеќе за сите, бидејќи интересите на граѓаните се наш врвен приоритет,“ нагласи Мицкоски.
Со зголемувањето на платите во образованието, кое е најголемо досега, се очекува значително подобрување на условите за работа на вработените во овој сектор. Етапното зголемување кое ќе се случува во следните четири години е дел од пошироките реформи кои ќе ја подобрат општат состојба на јавните сектори во земјата.