Има една Македонија како што има само едно Скопје. Нема Скопје лево или десно од Вардар, зарем луѓето кои живеат десно од Вардар не одат лево од Вардар? Зарем не делиме сите исти судбини, исти проблеми со инфраструктурата, со градоначалници кои досега изневерија и не го одржаа зборот, исти проблеми со болници, училишта, градинки… зарем нашите деца не одат во исти школи, порача вечерва лидерот на опзициската ВМРО-ДПМНЕ од централниот митинг во Скопје.

Обраќајќи им се на скопјани од двете страни на Вардар, Мицкоски рече дека сите мора да сфатиме дека сме исти и дека делиме иста судбина.

Ние сме еден народ, сите ние треба да веруваме во себе и да бидеме лојални кон сопствената иднина, сите ние под ова небо, да ја браниме таа една Македонија! Затоа што немаме друга. Зарем мислите е лесно надвор? Зарем мислите дека таму сите ве чекаат со раширени раце и ви врнат пари. Не! Сум бил, знам како макотрпно се заработуваат пари надвор. И таму секогаш ќе си туѓ. А овде си свој меѓу своите.

Мицкоски зборуваше и за нападите кон кандидатката за градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска.

Знаете ли зошто се толку силни и подли нападите кон Данела Арсовска? Затоа што таа е сè што Шилегов и Заев не се во политиката. И тие пробуваат да ја убијат секоја различност и свежина во политиката со море од лаги, измами и манипулации, за да секој нормален човек се откаже од политичката битка и се обесхрабри. И токму затоа многумина се повлекуваат и се потргнуваат на страна, и им се гади од политика.

И таквите хајки и брутални црни кампањи доаѓаат од луѓето кои на питачки стап дојдоа во политиката, а сега се вистински олигарси тешки по неколку милиони евра, куќи, станови, злато, хациенди…што уште не. Тоа е нечесна заработка на грбот на сите. И затоа тие ја напаѓаат секоја здрава клетка која ќе им се спротивстави. Но да ви кажам нешто, силата на Данела и нашата сила извира од мотивот да ги менуваме неморалот и работите што Петре Шилегов и Зоран Заев ги претставуваат во политиката. И затоа кога удираат тие ниско, ние ќе одиме високо.

Данела Арсовска не е политичар како Шилегов. Таа е човек, менаџер, која ќе работи за градот.

И не ја разбираат тие таа филозофија на жената, тој силен мајчински инстинкт за спротивставување и борба за вистинска слобода и напредок. Данела Арсовска е тоа што му е потребно на Скопје, мајка на градот, посветеност, за промени кои ќе го направат градот модерна метропола. Излезете и заокружете 82. И заедно со Советот на Градот Скопје каде имаме мнозинство ќе работиме за модерно Скопје, заедно со градоначалниците кои повеќето се од ВМРО-ДПМНЕ, но и со останатите. Опозицијата создава блок кој ќе го порази Заев. Тоа е блокот и гласот на сите против Заев и таквите против Шилегов, рече Мицкоски.