Движењето ЗНАМ бара воведување една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти. Според нив, ваквиот модел ќе овозможи поправична застапеност за помалите партии и независните листи.

Ова го изјави потпретседателката на движењето, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, каде ја потврди заложбата на ЗНАМ за суштински измени на изборниот модел во Македонија.

– Една изборна единица беше и барање во одлуката на Уставниот суд – истакна Бендевска.

Таа додаде дека ЗНАМ се залага и за намалување на бројот на пратеници на 90, што, според неа, ќе одговара на реалната големина на населението.

– Намалувањето на бројот на пратеници ќе значи рационализација на материјалните, финансиските и човечките трошоци и ќе донесе придобивки за Буџетот. Воедно, ќе се добие поефикасно и поконсолидирано законодавно тело – рече Бендевска.

Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел го зголеми бројот на пратеници на 123 и отвори прашања за финансиската оправданост на изборите во странство.

– Изборната постапка за дијаспората е скапа, а бројот на гласачи во многу случаи не ги оправда очекувањата – посочи Бендевска.

Од ЗНАМ порачаа дека ќе продолжат да се залагаат за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и поефикасни институции во интерес на граѓаните.