Максим Димитриевски најави дека ЗНАМ ќе настапи самостојно на локалните избори, но со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за дел од кандидатите
ЗНАМ ќе ја поддржи интерпелацијата на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, која е на дневен ред на утрешната седница во Собранието, потврди лидерот на партијата Максим Димитриевски.
„Пратениците од ЗНАМ ќе ја поддржат интерпелацијата. Ние сме за спроведување на реформите во правосудството“, изјави тој вечерва во гостување на ТВ Сител.
Димитриевски најави дека неговата партија ќе има кандидати за градоначалници во Куманово и Општина Центар, но и во други општини.
„Се уште се разговараме (со ВМРО-ДПМНЕ), но според мене извесно е дека ЗНАМ ќе има кандидати за градоначалник во Куманово и во Општина Центар и дека ќе бидат поддржани од нашиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ, а дополнително СДСМ веќе го објави нивниот кандидат и за Куманово и за Центар. Тоа е само дел од разговорите, разговараме и за други општини, за коишто се вршат сондажи и мерења и верувам дека во втората половина во месецот август ќе ги објавиме точно кои се и сите кандидати“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека неговото име веќе било објавено како можен кандидат за Куманово на последната прес-конференција на партијата, но дека внатрепартиските постапки се уште не се завршени.
За Центар, според него, има неколку имиња во игра и се прави ново мерење на јавното мислење. Еден од кандидатите за кои се врши анкета е заменик министерот за енергетика Мирослав Лабудовиќ.
„Очекуваме поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за нашите кандидати. Ќе го повикаме членството на ЗНАМ да ги поддржи кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје и во другите градови“, изјави Димитриевски.
За можноста за соработка со ВРЕДИ рече дека ЗНАМ нема договор со нив, туку со ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, потенцираше дека е можно да се разговара и со ВРЕДИ, но исклучи било каква поддршка за ДУИ во сегашниот состав.
„Просторот за соработка со ДУИ е затворен се додека не видиме ново, реформирано ДУИ, со нови имиња, со нови кадри“, нагласи тој.
Во врска со обвинувањата од страна на кандидатот на СДСМ Мартин Костовски, кој тврди дека Куманово добило најмалку средства од Владата, Димитриевски реагираше дека станува збор за политички манипулации.
„Тоа се собирање на евтини политички поени. Куманово доби над 800 милиони денари од Владата за 27 инфраструктурни проекти. За дел од нив е потребно да се издадат градежни дозволи“, рече тој.
Димитриевски посочи дека ЗНАМ настапува самостојно на изборите со свои советнички листи.
„Секоја изборна трка ни помага да го провериме рејтингот меѓу граѓаните. Ние сме нова политичка партија и тоа е клучно“, изјави тој.
Објасни и како ЗНАМ ја бира кандидатурата за градоначалник.
„Што се однесува до кандидат за градоначалник треба да имате лице кое е општо прифатливо за граѓаните бидејќи не секогаш партиската припадност е пресудна, туку името и презимето на личноста бидејќи граѓаните гласаат за човек, а дополнително гласаат за партија. Партиската поддршка е неминовна“, изјави Димитриевски.
Заклучи дека овие избори ќе покажат до каде е ЗНАМ и дека очекува поголема поддршка отколку на парламентарните избори.